Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ од денеска е слободен играч откако со взаемен договор ја прекина соработката со екипата на ТФТ.
Во тимот од Тафталиџе, тој настапуваше само два месеца откако потпиша на почетокот на ноември. Договорот беше краткорочен, до крајот на годината по што двете страни требаше да седнат и да утврдат дали остануваат заедно. Сепак, до продолжување не дојде и 20-годишниот центар и еден од најталентираните кошаркари во Македонија доби исписница и можност сам да бира каде ќе ја продолжи кариерата.
Неофицијално, најблиску до него е поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув кој по серијата одлични резултати во првенството, со уште поголеми амбиции го очекува продолжението од сезоната. Гевгеличани се во серија од четири победи и на четвртото место на табелата, па ако успеат да се договорат со Симиќ, ќе биде уште посилни во вториот дел од шампионатот и секако во Купот на Македонија каде ќе атакуваат и на трофејот.


