Екипите на Кожув и Маџари го одиграа најдраматичниот натпревар во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Триумфираше гевгелискиот тим со 84-80 по низа пресврти и благодарение на подобрата игра во последната четвртина. Кожув водеше и со 12 разлика во првото полувреме, но во второто имаше негатива од осум поени, па победникот се решаваше во самиот финиш.
Тимот на Маџари го почна последниот период со водство од 68-64, но Кожув отвори со серија од 8-0 за преземање на водството или вкупно 13-2, вклучувајќи ја и подоцнежната низа. Скопскиот тим не се предаде, остана во игра до последната минута кога разликата изнесуваше еден посед (80-83). Двете екипи потоа пропуштија по неколку напади, но тоа му одеше во прилог на Кожув кој на десет секунди пред крајот преку Николас од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Репрезентативецот Теодор Симиќ беше убедливо најдобар поединец на мечот со 21 поен и 14 скока во својот можеби најдобар натпревар во дресот на Кожув. Левис го предводеше Маџари за кого ова беше деби на завршниот турнир во Купот на Македонија.
Во полуфиналето, Кожув ќе се сретне со МЗТ Скопје што ќе биде реприза на финалето од минатата година кога славеше скопскиот тим.


