Искусниот македонски стручњак Заре Марковски пред два дена доби отказ од италијанскиот прволигаш Пистоја, а денеска тамошните медиуми наголемо пишуваат за причините за таквата одлука.
Според нив, разделбата дошла како резултат на барањата на сопственикот на клубот, Рон Роуен. Тој инсистирал неговиот син Маверик да игра по 40 минути и ништо помалку од тоа, освен ако не добие пет лични грешки. Според статистиката, во последните шест меча, еднаш играл не 40, туку 45 минути затоа што мечот против Скафати бил решен по продолжение, додека на другите натпревари на теренот поминал меѓу 32 и 38 минути. Интересно е тоа што на последниот меч, минатата недела против Тортона, помладиот Роуен одиграл „само“ 32 минути, а отказот на Марковски дојде три дена подоцна.
Пистоја загуби на секој од овие шест натпревари, но разликата со која ги губеше натпреварите изнесуваше меѓу два и шест поени.
На местото на Марковски, Пистоја го донесе словенечкиот стручњак Гашпер Окорн кој сигурно како и македонскиот стручњак ќе се соочи со истите проблеми и притисок.


