Со само еден пораз на девет натпревари, ТФТ има историска шанса да ја заврши годината и полусезоната на првото место на табелата, а со тоа да ја заокружи фантастичната 2025 во која испиша нови важни страници во клупската историја.
„Маалскиот’ тим од Тафталиџе последните години стана сила во домашната кошарка, освои еден трофеј во Купот на Македонија, а минатата сезона ја заврши како вицешампион што е најдобар резултат во домашното првенство. Евентуалното прво место на крајот на годината, што од сегашен аспект не е нереално, ќе биде нов голем успех за ТФТ.
„Историскиот пласман во финалето минатата година, како и обезбеденото учество во АБА 2 лигата, на некој начин ги дефинираа нашите цели и амбиции за оваа натпреварувачка сезона – да го повториме успехот дома, а во АБА лигата да се обидеме да обезбедиме место во плејофот. Како наши долгорочни цели, секако, континуитетот и понатамошниот раст на нашата организација.
За да го оствариме сето тоа, успеавме да го задржиме костурот на домашни играчи, обезбедивме ростер кој веќе имаше неколку години континуирана работа, а го надградивме и со странски кошаркари комплементарни на нашиот систем, повторно со Дарин Говенс како лидер на овој тим. Резултатите на почетокот на оваа сезона се одраз на многу труд и работа, дефинирани краткорочни и долгорочни цели, посветеноста на секој играч, член на тренерскиот штаб и раководството на клубот, тимската атмосфера и заедничките вредности што ги носиме“, вели тренерот на тимот и еден од главните протагонисти на проектот Боро Смилковски.
Оваа сезона ТФТ има само еден пораз во домашното првенство и тоа од шампионот МЗТ Скопје. Токму бранителот на титулата останува главна цел за клубот од Тафталиџе во периодот што претстои.
„Исклучително сме задоволни од нашите изданија, во добра форма сме, победата на гостински терен со Пелистер го потврди тоа. Сепак, приземјени, продолжуваме да работиме и да растеме, секогаш со простор за подобрување. Се надевам пред сè дека ќе останеме здрави, посакувам што е можно помалку проблеми со повреди во текот на сезоната и верувам дека со искуството од претходните години и квалитетот што го имаме, во моментот кога ќе се одлучуваат резултатите напролет – ќе бидеме нашата најдобра верзија“, додава Смилковски.
Во последните два натпревара во 2025 година, ТФТ гостува во Гостивар и го пречекува Тиквеш. Победи на овие два меча му обезбедуваат лидерска позиција на полусезоната.


