Од утре до сабота во Гевгелија ќе се одржи новото издание од Купот на Македонија, а денеска беше организирана прес-конференција на која присуствуваа претставници на сите клубови учесници.
Како прв носител во Купот влезе тимот на ТФТ кој првиот дел од шампионатот го заврши на челната позиција. Тимот од Тафталиџе во 2022 година направи сензација и го освои трофејот во Купот, а тренерот Боро Смилковски посакува идентично сценарио и сега, со ист противник во финалето.
„Точно е дека прво треба да го поминеме Гостивар по што ќе мислиме на полуфиналето, но јас би одел чекор понапред и веќе размислувам на мечот за трофејот. Таму го посакувам МЗТ Скопје поради нерасчистени сметки и приватен облог со директорот на клубот“, рече Смилковски на прес-конференцијата.
Капитенот Едис Нури не оди толку далеку и само посака во полуфиналето ТФТ да игра против МКК Куманово што значи дека би сакал да го избегне домаќинот на турнирот Кожув.


