Перо Антиќ останува претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, но по виденото денеска, прашање е само на време кога ќе ја напушти функцијата.
Денешното Собрание на КФМ траеше околу пет часа, а немаше никаков епилог. Финансиските извештаи не се изгласани затоа што претставниците на клубовите не сакаа да гласаат ако во дневниот ред не биде вклучена точка за доверба на претседателот. Тоа не беше прифатено од раководството на Федерацијата. Собранието на крајот е прекинато без да биде закажан нов термин со што ситуацијата во македонската кошарка останува статус-кво.
На заминување од седницата, претставниците на клубовите кои се за смена на Антиќ симболично гласаа за негова смена и избројаа 39 гласа. Притоа најавија дека наскоро ќе побараат ново, изборно собрание, но дека со официјално соопштение ќе излезат наскоро.
Антиќ и неговите соработници останаа доследни на членот 39 од Статутот на Кошаркарската федерација: „Мандатот на Претседателот на Федерацијата трае четири години, но минимум две години од започнат, обновен или потврден мандат не може да се поднесува Иницијатива од страна на членките на Собранието на КФМ за одржување на Вонредно изборно Собрание“.
Ова значи дека Антиќ е безбеден барем до крајот на март кога се навршуваат две години од неговиот реизбор. Иницијаторите за промена сметаат дека тој член може да се избрише со двотретинско мнозинство. Тоа е само најава за жешка кошаркарска зима во земјава.


