Екипата на Стони Брук ја прекина серијата од четири порази во НЦАА откако ноќеска славеше против Северна Каролина со 81-80.
Драматичниот натпревар беше одлучуван во последните секунди, гостите имаа напад за победа, но кошаркарите на Стони Брук успеаја да се одбранат. Сивулфс сега имаат биланс 9/7 и се наоѓаат на деветтото место во својата конференција, но против директните ривали се на една победа од три меча.
Најголема заслуга за триумфот имаше македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ кој на теренот помина 33 минути и беше најефикасен играч на мечот. Постави нов личен рекорд во НЦАА со 27 поени, погодувајќи 5/5 за тројка и имаше само едно промашување (9/10 од игра, 4/4 од линијата за слободни фрлања).
Неговиот досегашен рекорд изнесуваше 21 поен од дуелот против Сентрал Мичиген, одигран на 13 декември. Воедно, ова беше трет натпревар за Шошкиќ во НЦАА со 20+ поени, во неговата дебитантска сезона.


