Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија донесе одлука за именување на Жосеп Марија Берокал за селектор на сениорската машка кошаркарска репрезентација на Македонија.
Берокал е искусен шпански тренер со импозантно портфолио зад себе, со повеќе од 35 години тренерско искуство, од кои 21 година во професионална кошарка, како и 14 години искуство во Евролигата, елитното европско клупско натпреварување. Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и 9 држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби, Баерн, како и во повеќе национални првенства на највисоко ниво (ACB – Шпанија, Евролигата, Израелска лига, Турска лига, Украинска лига и други). Меѓу другото, Берокал соработувал со некои од најголемите имиња во светската кошарка, меѓу кои: Светислав Пешиќ, Чави Пасквал, Душко Ивановиќ итн., што дополнително го потврдува неговиот стручeн и професионален кредибилитет.
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развој на млади играчи, со 15 години работа во младински категории, вклучително и освојување на две шампионски титули во Шпанија со У18 селекции. Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови.
Берокал доаѓа на местото на Марјан Илиевски кој минатата недела неочекувано поднесе оставка на селекторската функција, по само половина година.


