Екипите на Феникс и Тиквеш го одиграа најубавиот и највозбудлив натпревар во Првата македонска кошаркарска лига и заслужуваат честитки за прикажаното во „Јане Сандански“.
Мечот траеше 50 минути, се играа две продолженија, Тиквеш имаше водство и од 17 разлика, но на крајот славеше Феникс со 112-103. Секако немаше да биде незаслужено да слават и кавадарчани кои го претрпеа првиот пораз во 2025 година и ја прекинаа серијата од три победи во првенството.
Се чинеше дека се подготвени и за четвртата по апсолутната доминација во првото полувреме во кое го диктираа темпото и во 14. минута ја достигнаа највисоката предност (37-20). Но, Феникс не се предаде, пред крајот на полувреме намали на 35-42, а и покрај тоа што во третиот период имаше -16 (42-58), продолжи да игра и да се бори. Работите се свртеа пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина кога Феникс со серија од 13-0 се доближи на 64-66. Тиквеш го одби тој напад, отиде на 76-65 на помалку од шест минути пред крајот, но пропушти да го зададе финалниот удар.
Феникс направи нова серија, сега од девет поени, ама никако не успеваше да го стигне водството на противничкиот тим. На 30 секунди пред крајот Феникс се доближи на 83-85, во следниот напад Хил промаши две слободни фрлања и му даде можност на Феникс да израмни. Шансата ја искористи Шепард кој се погрижи за 85-85 на девет секунди пред крајот за во последниот напад Клергело да промаши шут за тројка и мечот отиде во прво продолжение.
Во него Феникс го диктираше темпото, поведе со 92-88 и 94-90, но Волканоски и Клергело се погрижија за израмнување и второ продолжение. Повторно се чинеше дека Тиквеш ги има работите во свои раце кога на нешто помалку од три минути поведе со 103-99. Но, кавадарчани тука застанаа, Феникс со серија од 13-0 го затвори натпреварот и дојде до победа со која го прескокна својот вечерашен противник и се искачи на осмото место на табелата.
Капитенот Андреј Митревски одигра одличен натпревар, постигна 26 поени и 7 скока, го следеа Шепард со 20 и Адетукаси со 19 поени, а се истакна и 18-годишниот Стефан Стојковиќ кој оствари дабл дабл со 11 поени и 11 скока. Пантелиќ со 25 поени и 9 скока го предводеше Тиквеш.


