Од денеска до недела ќе се одржи 11. коло од кошаркарската Суперлига на Македонија со што официјално се затвора првата полуетапа од националниот шампионат.
Први на терен, денеска од 17 часот излегуваат ТФТ и Тиквеш во натпреварот кој се игра во Кале. ТФТ има шанса, вторпат по ред да ја заврши годината на првото место на табелата и да биде „есенски“ првак со што ќе го потврди својот подем последните години. Тимот од Тафталиџе оваа сезона доживеа само еден пораз, од шампионот МЗТ Скопје, а на домашен терен ги доби сите натпревари.
Најголемиот дел од дуелите во 11. коло се на програмата утре, а годината, што се однесува до Суперлигата, ќе ја затворат МЗТ Скопје и Чаир, в недела од 13 часот. Најинтересно се очекува да биде утре во Куманово каде МКК предводен од Марин Докузовски ќе го пречека Работнички.
По одигрувањето на ова коло ќе бидат познати и двојките за првата рунда од Купот на Македонија каде ќе учествуваат екипите од петтото до 12. место.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
19.12.2025
17:00 ТФТ – Тиквеш
20.12.2025
15:30 Ангели – Маџари
17:00 Феникс – Гостивар
18:00 МКК Куманово – Гостивар
18:30 Пелистер – Кожув
21.12.2025
13:00 МЗТ Скопје – Чаир


