Покрај Анџелика Митрашиновиќ, еден од лидерите на женската репрезентација на Македонија е искусната Александра Стојановска која денеска одигра еден од своите најдобри натпревари за националниот тим.
За неа никогаш нема загубена топка, се фрлаше по терен, ги тресна од земја противничките кошаркари и успеа да постигне 15 поени со кои беше трет стрелец во нашиот тим, зад Хемпе и Селцова. По завршувањето на мечот, 31-годишната кошаркарка на грчката Неа Јонија не го криеше своето задоволство и среќа по остварениот триумф.
„Честитки до мојата екипа, навистина се боревме и покажавме дека можеме од самиот старт, како шти ни кажа и тренерот на почетокот, го покажавме нашиот менталитет, секој што се појави на теренот даде максимум и придонесе да дојдеме до оваа прва победа. Верувам дека ова е само почеток на нешто убаво и нешто добро за нашата репрезентација. Грција е тежок противник, настапува на Европските првенства долги години, но ние сме мотивирани и одиме и тој натпревар да го добиеме“, рече Стојановска по натпреварот.
В сабота таа ќе има можност да ја предводи македонската репрезентација против селекцијата на земјата во која настапува на клупско ниво.


