Со оглед на краткиот временски период што остана за екипирање на тимот по фузијата со Академија ФМП, тимот на Струмица главно со млади сили го одигра првиот дел од сезоната во Втората лига и оствари само една победа на 11 натпревари.
Продолжението треба да биде сосема поинакво и струмичани не само што најавуваат жестока борба за опстанок, туку можеби и за пласман во топ-8, а со тоа и во плејофот. за таа цел, клубот ги договори поранешниот сениорски репрезентативец на Македонија, Предраг Пајиќ и екс-младинскиот репрезентативец Јован Александровски.
Пајиќ беше без ангажман откако минатата сезона ја доврши во Академија ФМП, а со оглед на неговото огромно искуство, се очекува да биде лидер на Струмица во продолжение од сезоната. Александровски во претходните 18 месеци беше член на Чаир откако претходно играше и за Водно Санс и Работнички.
Своето деби за новиот тим, Пајиќ и Александровски ќе го забележат претстојниот викенд, во првото „пролетно“ коло во кое Струмица го пречекува седмопласираниот Мега Баскет.


