Дебитантот во елитната конкуренција МКК Куманово останува еден од само двата тима без пораз на домашен терен оваа сезона.
Кумановци имаат 7/0 пред своите навивачи откако вечерва го совладаа и актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер со 86-72 во дуелот на двајцата највозрасни тренери во Првата лига, Марин Докузовски и Александар Петровиќ. Одлучи фантастичното второ полувреме во кое МКК Куманово ги затвори сите приоди кон својот кош и на противникот му дозволи само 24 поени за 20 минути.
Мечот го одбележаа големите пресврти бидејќи МКК Куманово во првата четвртина водеше со 18-6 за по серијата од 15-0 во вториот период, гостите да го преземат водство и да поведат до 37-33. На голем одмор, Пелистер замина со големи +10 (48-38), но возбудувањата допрва почнуваа.
МКК Куманово го почна второто полувреме со серија од 9-0, Пелистер долго време ги одбиваше нападите, но потклекна по уште една низа, од 11-0 на домашниот тим на крајот од третата и почетокот на последната четвртина. Предноста на кумановци се зголемуваше до највисоките +14 (81-67) по што стана јасно кому ќе му припадне победата.
Радукиќ беше убедливо најдобар играч на мечот, со 31 поен, 12 скока и 7 асистенции за индекс 38, а му помогна Луковиќ со 21 поен. Кај Пелистер, кој ги загуби двата воведни меча во 2025 година, Мишковиќ оствари дабл дабл со 22 поена и 10 скока, а Бојиќ додаде 21 поен и 9 скока.


