Рускиот интернационалец Алекс Котов е последно засилување за тимот на ТФТ оваа сезона и со него во составот, клубот од Тафталиџе ќе се обиде да приреди уште едно изненадување и да освои нов трофеј.
Станува збор за 208 сантиметри висок кошаркар кој ги покрива позициите 4 и 5, а во ТФТ доаѓа од рускиот клуб Уралмаш со кого настапил во ВТБ лигата. За жал, соработката со клубот од Екатеринбург траела кратко, па Котов одиграл само еден натпревар и тоа против ЦСКА Москва. Претходно, Русинот настапувал во НЦАА, за универзитетите Илиноис и Кемпбел.
Котов се очекува да пристигне во Скопје утре или најдоцна в среда и најверојатно ќе биде на располагање за дербито против Работнички претстојниот викенд. Со него во екипата, ТФТ ќе има петмина странци, па тренерот Боро Смилковски ќе треба да ротира до крајот на сезоната.


