Пред два дена ТФТ дојде до историска победа во плејофот откако го совлада МЗТ Скопје во третиот меч од финалната серија.
Триумфот, сепак, остана во сенка на тешката повреда на Зек Браун кој остана да лежи на паркетот при еден влез во последната четвртина и на рацете на соиграчите беше изнесен од теренот. По вчерашните прегледи, клубот денеска објави дека за Браун е завршена сезоната бидејќи станува збор за скинат вкрстен лигамент за кој е потребна пауза од околу 6-7 месеци. Во знак на почит и благодарност, ТФТ ќе му даде договор на Браун и за идната сезона.
Браун беше најдобар стрелец и играч на ТФТ оваа сезона и меѓу најзаслужните што тимот од Тафталиџе обезбеди пласман во финалето од плејофот. Дојде пред крајот на јануари со реноме на кошаркар со искуство во Еврокупот и својот квалитет го демонстрираше на теренот.
Одигра 14 натпревари со просек од 16,6 поени (најмногу во тимот) и индекс 19,1 (највисок во тимот), а блескаше на последните два меча против МЗТ Скопје на кои беше најдобар стрелец. На вториот натпревар од серијата постигна 25, а на вториот 20 и јасно е дека неговото отсуство ќе остави трага во составот на Боро Смилковски.


