Денеска од 18 часот во Кале официјално стартува 15. коло од Првата македонска кошаркарска лига, со дуелот меѓу ТФТ и Феникс.
Ко-лидерот на табелата минатиот викенд оствари исклучително вредна победа на гостувањето кај Кожув со која остана на делба на лидерската позиција и денеска ќе се обиде да ја продолжи серијата победи. Својата форма ја крена и Феникс кој оствари три победи во последните четири кола и се вклучи во борбата за осмата позиција на табелата, последна која води во плејофот.

Дербито на 15. коло се игра в недела од 18 часот во Куманово каде дебитантот во елитата МКК го пречекува актуелниот шампион МЗТ Скопје. По триумфот против Пелистер во понеделникот, кумановци сега ќе се обидат да приредат уште едно изненадување откако во првиот дел од сезоната три четвртини му парираа на бранителот на титулата во „Јане Сандански“.
Еден од дерби дуелите на ова коло требаше да биде пресметката меѓу Чаир и Работнички, но двете екипи се во лоша форма. Чаирчани имаат само една победа во последните шест кола, а Работнички една победа во последните четири кола. Како резултат на тоа, екипите што во првиот дел од сезоната се наоѓаа при врвот, сега се на шестата и седмата позиција со идентичен биланс – 8/6.


