Кошаркарските клубови ТФТ и Работнички се драстично казнети од Комесарот за натпреварување при КФМ за инцидентите во 14. коло од Првата македонска лига.
Нивните натпревари ги одбележаа инциденти и прекини со тоа што ТФТ гостуваше кај Кожув во Гевгелија, а Работнички во „Јане Сандански“ кај МЗТ Скопје. Клубот од Тафталиџе ќе мора да плати вкупна сума од 87.400 денари од кои една од 80.000 денари поради четири технички грешки и напуштање на теренот, како и дополнителни 7.400 за казни на Сапунџиев и Говенс.
Работнички е нешто поблаго казнет, но сепак ќе плати вкупно 53.600 денари од кои 9.600 за две технички грешки и исклучување на Виктор Ефремовски, 16.000 денари за „фрлање петарди, чадни бомни и експлозивни направи на терен“, 8.000 денари за неспортско и навредливо навивање и 20.000 денари за прекин подолг од пет минути, предизвикан од навивачите. На крајот, Работнички во 16. коло ќе игра без публика во салата што ќе ја избере како свој дом откако Кошаркарската федерација не му дозволи да игра во Кале.
Големи казни добија и екипите на МЗТ Скопје, Вардар и Кожув, делумно поради однесувањето на играчите и техничките грешки, а делумно поради навивачите.


