Вицешампионот на Македонија, ТФТ ја продолжи победничката серија на стартот од новата сезона откако вечерва без поголеми проблеми ги совлада Ангели со 67-57.
Тимот од Тафталиџе настапи со преполовен состав, поштеда добија Ташовски, Говенс и Дејвис, но останатите што се појавија на теренот не дозволија изненасување. Функционираше одбраната, па ТФТ постојано беше на безбедно растојание од ривалот.
ТФТ отвори со 10-0, гостинската екипа во првото полувреме успеа да постигне само 16 поени, па вицешампионот на голем одмор замина со двоцифрена предност. Така беше и во третиот период кога се чинеше дека победникот е решен, но Ангели се заканија на нешто помалку од пет минути пред крајот кога се доближија на само четири поени негатива (52-56). ТФТ одговори со серија од 11-2 и со тоа конечни стави крај на сите дилеми.
Гордон го предводеше домашниот тим со 21 поен, Зафиров додаде 12, а Иванов 10. Кај Ангели, Ибраими беше најефикасен, исто така со 21 поен.


