По 12 порази во низа во сите натпреварувања, ТФТ успеа да го победи МЗТ Скопје и тоа во можеби најнезгодниот момент за актуелниот шампион.
Како домаќин, тимот од Тафталиџе славеше против својот градски ривал со 75-70 за осми триумф во деветтиот меч оваа сезона и задржување на врвот на табелата во Првата лига. Утре ќе се знае дали по деветтото коло ќе биде осамен или и натаму ќе ја дели челната позиција со Чаир.
Поразот на МЗТ Скопје доаѓа три дена по елиминацијата од АБА 2 лигата и ќе претставува уште еден голем шок за шампионот иако е јасно дека во оваа фаза од сезоната ништо не е загубено. МЗТ водеше само во воведните минути од мечот, а највисоката предност изнесуваше четири поени (8-4). ТФТ брзо се извлече од таа позиција, па на помалку од две минути пред крајот на првата четвртина поведе со 24-13. Гостинскиот тим во продолжение заигра подобри, намали на само поен негатива, но ТФТ го одби тој удар и на голем одмор замина со солидна предност од 43-36.
Во вториот дел се очекуваше одговор од МЗТ Скопје, но место тоа, по две минути игра ТФТ стигна до својата највисока предност на мечот (51-38). Нешто подоцна повторно ја достигна таа разлика (62-49), но ни тука не беше решено прашањето околу победникот. На средина од последниот квартал МЗТ Скопје се доближи на само еден посед (67-70), но не го направи завршниот чекор. Говенс и Гафни постигнаа четири поени за ТФТ, Едвин со 2+1 намали на 70-74, но на 15 секунди пред крајот Слај со шут за тројка пропушти да донесе драма. Место тоа, Зафиров само стави точка на мечот од линијата за слободни фрлања.
Главната причина за поразот, МЗТ треба да ја бара во катастрофалниот шут за тројка (6/31), како и во послабиот скок (34/43). Говенс го предводеше ТФТ со 24 поени, 7 скока и 5 асистенции, Гафни додаде 14 поени, а Зафиров оствари дабл дабл со 10 поени и 10 скока. Војдан Стојановски со 13 поени беше прв стрелец на гостинскиот тим.


