Четири дена по пораз во дербито со МЗТ Скопје, македонскиот вицешампион ТФТ го очекува уште едно исклучително тешко гостување, овојпат во АБА 2 лигата.
Тимот од скопската населба Тафталиџе оди на мегдан кај стандардниот учесник во ова натпреварување Широки, во директен дуел за врвот на табелата. Двете екипи се на делба на второто место, заедно со уште седум клуба, а зад Сутјеска која е единствена со максимален ефект по првите три одиграни кола.
Гостувањето во Широки Бријег доаѓа во исклучително незгоден момент за ТФТ, меѓу два дерби дуела во домашното првенство, прво против МЗТ Скопје, а претстојниот викенд и против МКК Куманово.
„Не очекува натпревар против екипата на Широки, во прилично интензивен период од сезоната за нас, што би можело да ја дефинира насоката во која се движи нашиот тим. Самиот натпревар е против квалитетен тим, а исцрпувачката патека и темпото од 3 натпревари неделно, дополнително влијаеја на заморот на играчите. Сепак, нашата цел е непроменета, очекувам квалитетен натпревар каде што ако успееме енергично да му парираме на противникот и да имаме своја вечер, можеме да се надеваме на задоволителен резултат“, вели тренерот Боро Смилковски пред мечот.
Натпреварот меѓу Широки и ТФТ се игра од 18 часот и со него почнува четвртото коло од АБА 2 лигата. Задутре на терен излегува и шампионот МЗТ Скопје кој го пречекува босанскиот претставник Јахорина.


