Утре во Кале се игра четвртиот меч од финалната серија во домашниот плејоф, меѓу
ТФТ и МЗТ Скопје, а тимот од Тафталиџе подготвува уште едно убаво доживување за присутните.
Со оглед на тоа што овој натпревар ќе биде последен за ТФТ на домашен терен сезонава, организирана е забава пред салата во Кале која ќе почне во 17:45 и ќе трае до 15-тина минути пред почетокот на мечот. Слични журки, со професионален диџер, храна и пијалоци, ТФТ организираше и пред дуелите со Работнички во полуфиналето. Од ТФТ апелираа до гледачите да бидат на своите места во салата Кале најдоцна до 19:15 бидејќи подготвуваат специјално изненадување.
Она што е најважно, натпреварот ќе биде посветен на американскиот интернационалец Зек Браун кој доживеа повреда на третиот меч и за него не само што е завршена оваа сезона, туку најверојатно и 2025 година,
„ЗА ZACH BROWN. Никогаш не си сам. TFT засекогаш ќе биде твојот дом. Утре го играме четвртиот натпревар од финалето против МЗТ Скопје. Со срце, за братот што не ни е само играч – туку симбол на борба и храброст.
Ќе гори! Се гледаме во Кале. За Зек. За ТФТ. За историја“, објави ТФТ денеска.
Освојувачот на Купот на Македонија од 2022 година има негатива од 1-2 во финалето и утре ќе се обиде да го израмни резулатот и да се избори за „мајсторка“ која би се играла во Аеродром.


