Далеки посилен отпор даде ТФТ во вториот меч од финалната серија во македонскиот кошаркарски плејоф, но и тоа не беше доволно за историска победа.
МЗТ Скопје славеше со 87-82 и поведе со 2-0, па сега е на само чекор од шеста шампионска титула по ред, вкупно 12. во историјата. ТФТ беше конкурентен 2,5 четвртини, делуваше далеку поподготвен отколку пред четири дена, ама бранителот на трофејот уште еднаш ја искористи подолгата клупа и поголемото искуство за да ја продолжи победничката серија во плејоф натпреварите.
Гостите подобро го отворија натпреварот, во шестата минута водеа со 15-9, а единственото водство во првото полувреме, МЗТ го имаше две минути подоцна кога поведе со 16-15. ТФТ одговори со серија од седум поени, на крајот од првата четвртина првпат имаше двоцифрена предност (27-17), а во првиот напад од вториот период ги достигна највисоките +11 (28-17).
Шампионот не дозволи да го фати паника, премногу искуство има во тој тим, брзо се консолидира и иако ТФТ остана во водство до крајот на полувремето, разликата не беше многу голема. Пресвртот се случи на средината од третата четвртина кога МЗТ Скопје направи серија од 11-0 за водство од 56-46 кое се покажа недостижно за гостинскиот тим. ТФТ одби да се предаде без борба, неколку пати дојде на -6, но МЗТ секогаш имаше подготвен одговор, како со серијата од 7-0 за +13 (75-62). Малку недостасуваше аеродромци да слават како и на првиот натпревар, но ТФТ во финишот се избори за пристоен пораз, колку да покаже дека не е случајно во финалето оваа сезона.
Дион Едвин беше незадржчив, се се движеше околу него, па не е чудо што тој помина најмногу време на теренот, 32 минути. За тој период постигна 25 поени, но дури 16 од линијата за слободни фрлања, изнудувајќи дури 11 лични грешки. Крстевски додаде 17 поени, а Војдан Стојановски иако со лош шут за тројка (1/8), постигна 13 поени. Зек Браун со 25 поени и само едно промашување од игра (11/12) го предводеше ТФТ.
Првата меч топка, МЗТ Скопје ќе ја има в четврток во Кале и тогаш може да биде ставен крај на оваа сезона во македонската кошарка.


