Откако Кошаркарската федерација на Македонија донесе одлука да ја затвори салата во СРЦ Кале поради јавна опасност по безбедноста, клубовите кои досега играа во неа мораа да најдат алтернативен објект каде ќе ги пречекуваат своите ривали.
Работнички очекува да се врати во Градски парк, Маџари се уште ги разгледува сите опции, а ТФТ денеска одлучи каде ќе настапува, барем во АБА 2. Последните два меча од лигашкиот дел во ова натпреварување, а и понатаму ако се пласира во плејофот, тимот од Тафталиџе како домаќин ќе ги игра во „Борис Трајковски“. Тоа, практично, ќе биде враќање за ТФТ во овој објект каде играше во своите почетоци, како второлигаш, а и во квалификациите за Лигата на шампионите во 2022 година.
Засега е дилема каде ќе игра ТФТ како домаќин во домашното првенство. Останува опцијата со „Борис Трајковски“, но постои можност да игра во друга сала во Скопје за што веќе е постигнат устен договор.


