Екипата на ТФТ сериозно се подготвува за завршницата од Купот на Македонија кој се игра за две недели и за таа цел договори американски крилен играч.
Станува збор за Зек Браун кој идната недела треба да дојде во Скопје и ако ги помине лекарските прегледи, официјално ќе стане играч на тимот од Тафталиџе. Менаџментот на клубот сака да се осигура дека Браун е во добра физичка состојба бидејќи минатата сезона ја пропуштил поради повреда, а оваа иако потпишал за унгарскиот Фалко, не одиграл ниеден меч поради семејни причини.

Американецот има 29 години, колеџ-деновите ги поминал на Универзитетот Вичита Стејт, а од 2018 година е во Европа. Прва станица му бил францускиот Лориен, потоа играл во кипарскиот АЕК, па во унгарскиот Седеак, каде бил соиграч со Говенс, пред да се пресели во бундеслигашот Хамбург со кого во сезоната 21/22 учествувал и во Еврокупот. Последната година пред повредата ја поминал во спомнатиот Фалко со кој играл во ФИБА Лигата на шампионите.
Браун е замена за камерунскиот репрезентативец Таменанг Чо со кого ТФТ долго преговараше, но тој на крајот одлучи да се пресели во Шпанија. Како што стојат работите, Браун нема да биде последен странец во тимот бидејќи клубот преговара со уште еден кошаркар „од надвор“ со оглед на тоа што има проблеми со повредени играчи.


