МЗТ Скопје води со 1-0 во финалната серија од домашниот плејоф откако вечерва на домашен терен го совлада предизвикувачот ТФТ со 67-49.
Јасно беше дека актуелниот шампион е голем фаворит, но веројатно малкумина очекуваа толку убедлив триумф на почетокот од финалето. МЗТ повторно одигра фантастична одбрана, особено во второто полувреме и не му дозволи на својот ривал ни најмала надеж дека може да направи изненадување.
ТФТ добро го отвори натпреварот и беше конкурентен во првата четвртина која му припадна на домаќинот со 25-20. Првата опиплива предност МЗТ ја достигна по серијата од 9-0 на средината од воведниот период со која поведе со 19-11, но ТФТ се врати во игра и на стартот од втората четвртина дојде на само еден поен негатива (24-25). И тоа беше се од тимот од Тафталиџе, МЗТ направи 13-1 за убедлива предност од 38-25 која потоа не ја испушти до крајот.
За одличната игра во одбрана на шампионот, најдобро зборува податокот што во втората, третата и последната четвртина, ТФТ вкупно постигна 24 поени. И МЗТ не беше претерано ефикасен, но целата енергија ја насочи на одбраната, го задржа противникот под 50 постигнати поени и со тоа ја оствари својата цел.
Браќата Војдан и Дамјан Стојановски повторно беа креатори на триумфот и единствени со двоцифрен ефект. Интересно е тоа што кај ТФТ ниеден играч не постигна двоцифрен број поени, најмногу имаа Тома Стојаноски и Говенс – по 9.
Вториот натпревар од серијата се игра повторно на теренот на МЗТ Скопје, в понеделник навечер.


