Иако беше јасно дека тешко ќе се спаси, денеска Вардар официјално ги загуби шансите за опстанок во Првата македонска кошаркарска лига.
На домашен терен, „црвено-црните“ загубија од Тиквеш со 77-94, па негативата што ја имаат во однос на ривалите е недостижна до крајот на сезоната. Останува уште едно коло од основниот дел и шест од плејаутот, а Шкупи и Гостивар имаат по седум бода повеќе со тоа што тие ќе играат два пати меѓу себе во разигрувањето за опстанок и една од нив мора да победи што ја прави невозможна мисијата на Вардар.
Денешниот меч траеше подолго од предвиденото бидејќи по само пет минути игра се расипа семафорот во салата „Независна Македонија. По безмалку еден час пауза, техничките проблеми, сепак, беа отстранети и мечот се доигра, а Тиквеш доминираше во најголемиот дел.
Вардар отвори со 11-0, Тиквеш одговори со 12-2 до прекинот, а по продолжувањето го презеде водството. Во последната минута од првата четвртина, водството првпат беше двоцифрено во корист на кавадарчани (22-12), Вардар успеа подоцна да се доближи на три поени негатива (33-36), но до крајот на полувремето Тиквеш отиде на големи 51-37. Во вториот дел немаше неизвесност, Вардар само на моменти се спушташе на едноцифрена негатива, а по серијата од 9-0 во последниот квартал стана јасно дека гостите ќе си заминат со убедлив триумф.
Андерсон и Хил со по 21 поен беа најефикасни во победникчкиот тим, а Глигоријевиќ заврши со дабл дабл од 13 поени и 12 скока. Прв стрелец на Вардар беше Младеновски со 19 поени.


