Како што се ближи почетокот на подготовките, клубовите во македонското првенство се поактивни и ги финализираат составите со кои ќе влезат во новата сезона.
Меѓу нив и поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш Голден Игл кој го објави продолжувањето на соработката со четворица кошаркари, како и трансферот на еден американски интернационалец. И во новата сезона, дресот на кавадаречкиот тим ќе го носат капитенот Тодор Златев, потоа Илија Мирков, Стеван Глигоријевиќ и Христијан Несторовски, а нов играч Американецот, Крис Дис.
Станува збор за 183 сантиметри висок кошаркар кој игра на позициите 1 и 2, а минатата сезона ја поминал на Универзитетот Емануел. Просечно постигнувал по 14,6 поени и 3,3 асистенции и треба да биде еден од носителите на играта на Тиквеш.
Кавадаречкиот тим претходните сезони знаел да погоди со играчи на надворешните позиции, па нема да биде изненадување ако и Дис ја продолжи традицијата. Претходно Тиквеш го донесе и Благој Димитриев од Феникс, а во следниот период ќе го доврши тимот.


