Екипата на Тиквеш ја продолжи победничката серија на домашен терен, остварувајќи го четвртиот триумф во низа пред своите навивачи.
Кавадарчани го победија Чаир со 84-76 и се уште се во игра за пласман во плејофот, на три кола пред крајот од основниот дел. Домаќините на овој меч беа во водство безмалку цел наѕтпревар, најмногу со 18 поени разлика, не дозволувајќи му на Чаир да се понадева на триумф.
Чаир беше во водство само 15-тина секунди и тоа со 2-0. Тиквеш потоа направи серија од 12-0 за на крајот од првото полувреме да има предност од 39-23. Гостите ја вратија неизвесноста на стартот од последниот квартал кога се доближија на 56-59, но на четири минути пред крајот Тиквеш отиде на 75-63 и тука беше крајот на сите надежи на чаирскиот прволигаш.
Цела почетна петорка на Тиквеш имаше двоцифрен ефект, најефикасен беше Хил со 21 поен, но се истакна и Глигоријевиќ со 12 поени и 16 скока. Кели со 25 поени го предводеше тимот на Чаир.


