Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш ја оствари втората победа во сезоната откако на домашен терен го совлада Чаир со 92-83 по продолжение.
Со тоа, кавадарчани ставија крај на серијата од два пораза, па по четири натпревари имаат биланс 2/2. Што се однесува до Чаир, се уште е без триумф во новата сезона, но вечерва беше најблиску до првата победа бидејќи претходните три меча ги загуби со двоцифрена разлика.
Тиквеш беше во водство во најголемиот дел од мечот, на средината од третата четвртина имаше и +11 (55-44), но чаирчани успеаја во финишот да ја стопат негативата, па дури и да дојдат во предност со 72-70 на 106 секунди пред крајот. Двата тима потоа испуштија шанса да го решат прашањето околу победникот, промашија вкупно три слободни фрлања, па Бетсон на шест секунди пред крајот израмни и го одведе мечот во продолжение (76-76).
Во нив Тиквеш веднаш ја презеде контролата, отвори со 8-2, Чаир успеа да се доближи на 81-84, но Џексон со шест поени по ред стави точка на сите дилеми.
Андерсон го предводеше Тиквеш со 25 поени и 12 скока, Бошалески и Дес постигнаа по 17 поени, а Џексон додаде 16. Билингсли со 23 поени и 11 скока беше најдобар играч на Чаир.


