Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш мнпгу веројатно ќе игра во мини-лигата за опстанок откако вечерва, во клучниот меч, на домашен терен загуби од ТФТ со 63-66.
Кавадарчани се доближија на еден бод од Феникс и Чаир и очајно им беше потребен триумф против ТФТ, но за малку не успеаја да дојдат до него. Сега ќе мораат да го победат МЗТ во Скопје во последното коло и да се надеваат на пораз на Феникс од Шкупи или Чаир од Гостивар.
Тиквеш вечерва беше во негатива речиси цел натпревар, ТФТ водеше и со 18 поени разлика, но домаќините во финишот сепак добија шанса да се изборат барем за продолжение. На десетина секунди пред крајот Говенс ја загуби топката, кошаркарите на Тиквеш тргнаа во контранапад, Младеновиќ имаше шут за тројка, за продолжение, но беше непрецизен и времето истече.
Браун со 21 поен и 8 скока беше најдобар играч на ТФТ кој во последното коло го пречекува Пелистер и со победа ќе го освои второто место на табелата пред плејофот. Глигоријевиќ со 21 поен заврши како прв стрелец на домашниот тим.


