Екипата на Вардар и натаму останува единствена без победа во Првата македонска кошаркарска лига иако вечерва ја имаше најголемата шанса да ја прекине лошата серија.
„Црвено-црните“ имаа 20 поени предност на гостувањето кај Тиквеш, а на крајот сепак славеше кавадаречкиот тим со 78-72. Младиот тим на Вардар, кој претежно игра со домашни кошаркари и претходно имаше слични можности за прва победа, но секогаш потклекнуваше во финишот.
Тиквеш подобро го почна натпреварот, поведе со 15-8 на средината од првата четвртина, но Вардар одговори со серија од 10-0 за преземање на водството кое потоа го задржа до последниот квартал. Околу 25 минути гостинскиот тим го диктираше темпото, везеше по теренот, беше незадржлив за Тиквеш и ги имаше сите услови да дојде до триумф.
Кулминација беше низата од 9-0 на стартот од третиот период по што Вардар стигна до највисоките 52-32, но тука застана. Со две долги серии, Тиквеш прво ја намали негативата, а потоа, со 14-0, дојде до водство од 67-60 на пет минути пред крајот на мечот. Вардар го направи последниот напор да стигне до победата откако по кошот на Младеновски се доближи на 68-70, но Пантелиќ потоа одговори со пет поени по ред, а Глигоријевиќ стави точка на натпреварот.
Пантелиќ беше убедливо најдобар играч со 30 поени и 11 скока, Глигоријевиќ додаде 20 поени и 10 скока, а Квери реализира 10 поени. Кај Вардар се истакна Филип Наков со 19 поени и 10 скока, Настовски додаде 15 поени и 9 скока, а Марјановиќ 12 поени, но ни тоа не беше доволно за победа.


