По несреќниот пораз од Феникс минатиот викенд, Тиквеш повторно е на победнички патеки откако вечерва на домашен терен го совлада Шкупи со 106-92.
Одлучи фантастичното второ полувреме на кавадаречкиот тим кој ги доби тие 20 минути со 60-45 и на тој начин го сврте резултатот во своја корист откако по првиот дел Шкупи имаше минимално водство од 47-46. Шкупи не ја искористи својата одличлна игра во првото полувреме во кое не само што постојано беше во водство, туку водеше и со 12 поени разлика (34-22).
Сето тоа му се одби од глава затоа што во продолжение на теренот постоеше само една екипа и тоа Тиквеш. Домаќините брзо се вратија во игра, ја презедоа контролата над резултатот и на почетокот од последната четвртина веќе водеа со 21 поен разлика (84-63).
Хил и Глигоријевиќ беа најефикасни кај Тиквеш со по 23 поени со тоа што Американецот имаше и 12 асистенции и 6 скока. Сила одигра уште еден фантастичен натпревар за Шкупи, завршувајќи со 38 поени и 13 скока. За Тиквеш ова беше четврта победа во последните пет кола со што остана во игра за осмото место на табелата кое води во плејофот.


