Шампионот МЗТ Скопје очигледно е друга планета за Работнички и тоа го потврдува со секој нов натпревар.
Аеродромци како да го чуваа најдоброто за пресметката во Купот на Македонија, па вечерва буквално го разнесоа својот најголем ривал, нанесувајќи му еден од најтешките порази во ова натпреварување. МЗТ Скопје славеше со 97-63 за ново учество во полуфиналето каде утре ќе се сретне со Пелистер во реприза на ланскиот меч за трофејот од Купот.
Работнички беше конкурентен само во првите седум минути од натпреварот во кои го имаше и своето највисоко водство (12-7). МЗТ ја презеде контролата над резултатот по серијата од 11-0 по која отиде на 24-16 и повеќе не му дозволи на противникот да се закани. Тимот на Васко Атанасов одигра фантастична одбрана, ги затвори сите приоди кон кошот, но и не му дозволи на Работнички буквално да организира акција.
Како последица на тоа, уште на полувреме беше јасно кој ќе биде победник бидејќи МЗТ на пауза замина со 45-28. Сепак, шампионот и бранител на трофејот во Купот не се задоволи со тоа, па до крајот максимално нго понижи својот ривал што „центарци“ со својот однос и заслужија.
Атанасов им даде минутажа на сите кошаркари, а најефикасен беше Дион Едвин со 16 поени. Исто толку на спротивната страна постигна Капетановиќ, но од речиси двојно повеќе обиди (15) од кои осум беа за тројка.


