Петти пат по ред, екипата на ТФТ ја совлада екипата на Кожув, а вторпат во низа тоа го направи во Гевгелија.
Во дербито на првото коло, тимот од Тафталиџе славеше со 87-79 и победнички ја почна новата сезона во која ќе се обиде барем да го повтори успехот од минатата, ако не и да отиде чекор подалеку. Победата е и заслужена ако се знае дека во текот на натпреварот ТФТ речиси постојано беше во водство, а највисоката предност изнесуваше 15 поени разлика.
До неа дојде на минута пред крајот на третата четвртина (69-54) кога веројатно многумина помислија дека се решени сите дилеми околу победникот. Сепак, Кожув потоа направи серија од 14-3 и се доближи на 68-71 на седум минути пред крајот на мечот, четири минути подоцна израмни на 76-76, а по тројката од табла на Колев на 92 секунди пред крајот, дојде до предност од 79-78.
Но, Кожув тука застана, а на сцена стапија Никола Василевски и Андреј Ташовски. Првиот погоди тројка од аголот за 81-79, а откако Колев направи фаул во напад, Ташовски постигна кош со фаул и со погоденото слободно фрлање, го однесе ТФТ на 84-79 на 33 секунди пред крајот. Домаќините мораа да брзат, Пурвис промаши шут од дистанца, но притоа доби и техничка грешка поради флопинг, па Гордон и потоа Зафиров го поставија конечниот резултат.
Гордон со 22 поена беше најефикасен кај ТФТ, Зафиров оствари дабл дабл со 15 поени и 10 скока, а двоцифрени беа и Василевски, Николов и Ташовски. Родни Пурвис со 21 поени го предводеше Кожув, но и тој, а и целиот гевгелиски тим имаше лош шут од игра (37%) и особено за тројка, погодувајќи само осум од 35 шута од дистанца.


