По 169. пат во историјата, најголемите ривали во македонската кошарка Работнички и МЗТ Скопје ќе ги вкрстат копјата во уште една пресметка во елитната конкуренција.
Дербито доаѓа во лош момент за Работнички кој се соочи со заминување на тројца важни странски кошаркари последните недели и тренерот Владимир Мирковски на располагање има мал број играчи кои ќе треба да му се спротивстават на актуелниот шампион. Од друга страна, МЗТ Скопје игра во одлична форма и е се поблиску до првото место на табелата каде беше најчесто во последните 13 години.
Во моментов шампионот е во серија од четири триумфи во дуелите со Работнички и има само еден пораз од градскиот ривал од април 2021 година. Сето тоа му ја дава фаворитската улога на тимот од Аеродром кој се уште има најсилна база домашни кошаркари во своите редови.
Натпреварот меѓу Работнички и МЗТ Скопје се игра од 18 часот и тој е претпоследен од десеттото коло кое го затвораат Кожув и МКК Куманово.


