Откако пред 2,5 години го презеде МЗТ Скопје, Васко Атанасов има само еден пораз од Работнички, а се уште не испуштил ниеден трофеј во домашната кошарка.
Денеска струмичанецот има можност дополнително да го подобри својот ефект во дуелите со поранешниот шампион бидејќи МЗТ Скопје е голем фаворит на 169. дерби. Дуелот се игра од 18 часот во Кале каде тимот од Аеродром е речиси непобедлив последните години, не само со Работнички, туку и со другите екипи.
„Вечното дерби секогаш е предизвик сам по себе, без разлика на односот на силите и моменталната форма на двете страни. Историјата нѐ учи дека нема правила, дека нема фаворити и дека победата треба да се заслужи со максимална борбеност во сите 40 минути. Не размислуваме за противникот, туку сме фокусирани на себе, на тоа како ќе го одиграме натпреварот. Добро трениравме, во победничка низа сме и верувам дека ако дадеме сѐ од себе, тогаш ќе се радуваме на крајот од вечерашниот дуел. Верувам во моите момци, како и во нашите верни навивачи, кои сигурен сум во голем број ќе дојдат на теренот на противникот за да ни ја дадат потребната енергија од трибините“, вели тренерот Васко Атанасов.
МЗТ се наоѓа во серија од четири победи и има осум победи на деветте натпревари сезонава. Единствениот „пораз“ го доживеа службено, од Ангели, поради административна грешка.


