Ако требаше уште некој доказ дека е легенда на Реал, шпанската и европската кошарка, Серхио Љуљ го даде синоќа.
Не можеше да избере подобар ривал против кого ќе стане играч со најмногу настапи во АЦБ лигата во историјата на Реал Мадрид од пресметката со Барселона. Актуелниот шпански шампион славеше со 73-71, а Љуљ го одигра 620. натпревар за Реал во својата кариера со што го помина досегашниот рекордер Фелипе Рејес. Во таа чест, пред почетокот на третото овосезонско Ел Клсико, доби спомен дрес од претседателот на Реал, Флорентино Перес.
Љуљ ја игра 19. сезона во „кралскиот клуб“ што исто така е рекорд, а во екипата дојде во 2006 година од Манреса. Освен низата рекорди, со Реал освои осум титули во АЦБ лигата, шест во Копа дел Реј, осум во шпанскиот Суперкуп, три во Евролигата и еден на ФИБА Интерконтиненталниот куп. За голем дел од тие трофеи беше самиот најзаслужен, со кошеви за победа во последните секунди.
Оваа недела Љуљ ќе стане рекордер и по бројот на одиграни натпревари во Евролигата бидејќи во моментов е израмнет на првото место со Кајл Хајнс со 425, а в петок против Баерн ќе го одигра рекордниот 426.


