Денеска од 19:30 часот продолжува финалната серија во плејофот од домашното кошаркарско првенство со вториот натпревар меѓу МЗТ Скопје и ТФТ.
Аеродромци водат со 1-0 откако во четвртокот без никакви проблеми, со 19 поени разлика го совладаа градскиот ривал пред своите навивачи. И вториот натпревар се игра во „Јане Сандански“, а она што се случуваше пред четири дена, предизвикува дијаметрално различно расположение на двете страни од Скопје.
МЗТ Скопје нема против да се повтори приказната и вториот натпревар да се одвива по истото сценарио како првиот. Со евентуално водство од 2-0, шампионот би можел веќе в четврток да ја обезбеди 12. шампионската титула и да ја потврди доминацијата во домашната кошарка која трае повеќе од една деценија. Идентичен развој на настаните, пак, воопшто не му одговара на ТФТ кој пред почетокот на финалето изрази надеж за барем еден брејк кој би го оставил тимот во игра за историска титула, но и би го направил финалето подраматично.
Искуството на вакви натпревари е далеку на страната на МЗТ Скопје и тоа може да биде пресуден фактор кога станува збор за победникот. Шампионот е во долга серија победи во плејоф дуелите, додека ТФТ првпат е во финале. Ако нешто драстично не смени, тимот од Тафталиџе ќе се најде во исклучително тешка, веројатна безизлезна ситуација.


