Откако во неделата го прегази Работнички во Скопје со 40 разлика, екипата на Пелистер денеска оствари убедлив триумф и против Чаир.
Гостинот беше нешто подобар од Работнички, загуби со 30 разлика, но битолчани дојдоа до втората „стотка“ во новата сезона, триумфирајќи со 104-74. Со тоа ја оправдаа фаворитската улога и се загреаја пред дебито во ФИБА Европа купот против Цедевита Јуниор в среда.
Чаир беше конкурентен, на моменти и подобар во првото полувреме, во повеќе наврати се наоѓаше во водство, а на голем одмор замина со предност од 48-47. Сепак, не го издржа темпото до крајот, а Пелистер во вториот дел го извади на површина сиот потенцијал и квалитет. Тие 20 минути ги доби со 57-26, буквално прегазувајќи го денешниот ривал.
Никола Малешевиќ беше убедливо најдобар поединец на мечот, постигна 23 поени со само едно промашување, плус осум скока и шест асистенции за индекс 35. Билингсли го предводеше Чаир со дабл дабл од 27 поени и 11 скока.


