Вечерва од 19:30 часот во Кале се игра четвртиот натпревар од финалната серија во македонското кошаркарско првенство, меѓу ТФТ и МЗТ Скопје.
Гостинот и актуелен шампион води со 2-1 и денеска ќе ја има втората шанса да стигне до 12. шампионска титула во домашниот шампионат откако во четвртокот ја пропушти првата таква можност. ТФТ тогаш се надмина себеси, одигра извонредно прво полувреме и беше подобар во конфузниот финиш и дојде до историска победа, прва за клубот во финале од плејофот.
Сепак, радоста од тој меч беше поматена поради тешката повреда која ја доби најдобриот играч во плејофот Зек Браун. Американецот го скина предниот вкрстен лигамент поради што не само што ја заврши сезонава, туку најверојатно нема да се врати на терените до крајот на годината. Отсуството на Браун ќе биде огромен хендикеп за ТФТ ако се знае дека на претходните три меча тој постигна вкупно 52 поена, односно нешто над 17 по натпревар. И покрај тоа, јасно е дека во ТФТ не планираат да се предадат, туку ќе играат до последниот атом од силите, во надеж дека ќе се изборат за „мајсторка“ и ќе ја продолжат сезоната во македонската кошарка.
МЗТ Скопје нема проблеми со повредени играчи, а по претходниот дуел, на сите во тимот им е јасно дека мора да одиграат како во третата четвртина ако сакаат да дојдат до триумф и до титула.


