По пауза од три години, натурализираниот американски кошаркар Џејкоб Вајли повторно ќе биде дел од македонската репрезентација во обид да ѝ помогне да ги помине претквалификациите и да се пласира во главните квалификации за Светското првенство.
Искусниот кошаркар уште еднаш покажа за каква прекрасна личност се работи, а на пријателските натпревари против Швајцарија демонстрираше огромна пожртвуваност и желба за победа. Својата мотивираност, но и задоволство што пак е дел од репрезентацијата, Вајли ги потврди и на денешната прес-конференција во пресрет на натпреварот со Романија.
„Кога ме повикаа, бев возбуден да дојдам да играм. Имаме млад тим за разлика од претходно, дел од нас се само поискусни и треба да бидеме лидери на теренот. Нашите очекувања се да одиграме максимално ангажирано, со енергија и интензитет“, вели Вајли.
Со неполна 31 година, тој ќе биде највозрасниот во оваа македонска репрезентација што е уште еден доказ каков млад тим има на располагање селекторот Марјан Илиевски.


