Кошаркарската репрезентација на Македонија ја оствари втората победа во претквалификациите, совладувајќи ја Ирска на домашен терен и сега е во многу поволна позиција за пласман во следната фаза.
Денешниот успех се надоврза на оној против Азербејџан од пред три дена, па Македонија ќе го дочека крајот на годината како лидер во групата. Лејсон Зеќири е задоволен од тоа како се одвиваше мечот, а особено од финишот во кој беше скршен отпорот на противникот и остварен е значаен триумф.
„На почетокот мечот не беше на наша страна заради цврста игра на ривалот, но брзо се адаптиравме и дадовме одговор. На крајот од втората четвртина поведовме, а потоа си продолживме по тој пат. Третиот период имаше добар проток на топка, добра одбрана, лесни поени во напад и потоа успеавме да ја изградиме разликата за победата. Со овие две победи 90% си завршивме работа, но не значи дека ќе се опуштиме. Ќе работиме да ги добиеме и тие дуели, кои на хартија можеби се полесни“, рече Зеќири по мечот.


