Ако пред десетина години, особено по успехот во Литванија, кошарката беше можеби водечки спорт во земјава, а националниот тим го гледаа по 4-5.000 навивачи на домашен терен, во последно време евидентен е квалитетот во овој спорт, како на клупско, така и на репрезентативно ниво.
Репрезентацијата последен пат играше Европско првенство во 2015, последните години е далеку од елитата, а клубовите не можат да се пофалат со некој поголем успех. Победите против Реал или Скаволини од пред безмалку три децении сега не се само научна фантастика, туку апсолутно нереална работа. На таа тема синоќа зборуваше и селекторот на националниот тим Александар Јончевски кој ја констатираше болната реалност во овој овој спорт во земјава.
„Кошарката во Македонија ја губи битката со другите спортови и тоа е еден подолг процес, за жал. Ова се однесува на младинските категории каде нема квантитет, а тој ни е потребен за да дојдеме до квалитетот. Разговарав со мојот помошник Александар Јованчев кој ми даде еден податок дека пред 7-8 години за кадетската репреезентација бирал од 200-300 деца, а лани бројот бил околу 60.
Кај сме мала држава по број на жители, уште децата се помалку сакаат да тренираат кошарка и тоа влијае и на сениорската репрезентација. Верувам дека треба подобри услови, како за кошаркарите, така и за тренерите кои би се нафатиле да водат грижа за тие млади играчи, потребен е подобар маркетинг, поголема ангажираност од сите бидејќи само така би ја популаризирале кошарката и би извадиле нови кошаркари“, рече Јончевски по мечот со Полска.
Македонските младински репрезентации имаа успеси претходните на континенталните натпреварувања, но играчите од тие селекции треба постапно да бидат инволвирани во сениорскиот тим. И самиот Јончевски додаде дека би требало да постои национална стратегија во кошарката и таа да биде за период од четири години, односно до следното Европско првенство. Со оглед на фактот што тоа ќе се одржи во 2029 година, постои доволно време сегашните младинци да созреат и да го заземат местото на поискусните.


