Екипата на Кожув ја оствари третата победа во низа откако вечерва на домашен терен го совлада Шкупи со 94-89.
Со тоа, гевгеличани останаа во игра за второто место на табелата за кое ќе решаваат во последното коло кога му гостуваат на директниот конкурент Работнички. Шкупи, пак, продолжува битка за опстанок, заедно со Гостивар со кого во моментов има идентичен биланс – 7/14.
Кожув го диктираше темпото на вечерашниот натпревар и заслужено славеше и покрај тоа што победата на крајот е изразена со само пет поени разлика. Како ќе се одвива мечот беше јасно уште во првата четвртина во која домаќините водеа и со +21 (27-6). Шкупи се консолидира и на голем одмор замина со девет поени негатива (36-45), но победата на Кожув во ниеден момент не беше доведена во прашање.
Најзаслужно за неа беше треиото Стевановиќ-Колев-Пилепиќ кое заедно постигна 75 од вкупно 94 поени. Мохамед со 23 поени беше најефикасен во тимот на Шкупи.


