Најтрофејните македонски клубови Работнички и МЗТ Скопје добија жестоки казни од Комесарот за натпреварување за пропустите во 20. коло од Првата македонска кошаркарска лига.
Работнички треба да плати 40 илјади денари за неистакнување банер церада и рол банер од главниот спонзор на мечот против МКК Куманово што се играше оваа недела. Познато е дека тимот од Градски парк последните месеци како домаќин игра во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода откако Кошаркарската федерација го избрка од големата сала во СРЦ Кале, а потоа беше суспендирана и малата, сопственост на КК Вардар.
Казнет е и МЗТ Скопје и тоа со вкупно 28 илјади денари за влез и палење на пиротехнички средства на дербито против ТФТ кое директно одлучуваше за првото место на табелата. Покрај ова, шампионот ќе игра без публика во последното коло од основниот дел, против Тиквеш.


