Екипата на МКК Куманово убедливо го совлада Чаир во мечот кој траеше безмалку три часа, поради прекинот во втората четвртина.
Кумановци славеа со 97-74, па со тоа се затвори кругот во ова коло во кое се сретнаа екипи од топ-6 против тимови од 7. до 12. место и славеа фаворитите. Поради тоа, ништо на табелата не се смени и во последното коло ќе се одлучува за конечниот пласман пред плејофот и плејаутот.
И МКК Куманово ја потврди фаворитската улога и немаше никакви проблеми со својот денешен противник. Единствениот период кога Чаир се закани беше пред прекинот кога гостите се доближија на три поени негатива, но изгледа дека долгата пауза остави трага врз нив, па кумановци во продолжение доминираа и покажаа дека имаат квалитет за високи дострели.
Тадиќ со 30 поени беше најдобар играч на натпреварот, додека во домашниот тим се истакна и Луковиќ со дабл дабл од 12 поени и 15 скока. Прв стрелец на Чаир беше Кели со 25 поени.


