Судиите во македонските кошаркарски првенства јавно се заканија дека нема да ги водат натпреварите во преостанатиот дел од сезоната ако најдоцна до 8 април не им бидат сите заостанати долгови од Кошаркарската федерација на Македонија.
Тоа значи дека нема да почне плејофот во Првата македонска кошаркарска лига во машка конкуренција ако арбитрите не ги добијат своите средства, но ултиматумот важи и за женскиот шампионат, како и за првенствата во младинските категории. Судиите тврдат дека во 2025 година не добиле ни денар од Федерацијата, а веќе почна четвртиот месец и се ближи и крајот на сезоната.
Хаосот со исплатата на судиските такси се совпадна со притисокот со кој се соочи раководството на Кошаркарската федерација на Македонија од кое, пред крајот на 2024 година, беше побарано напуштање на функциите. Клубовите беа речиси едногласни во иницијативата за промени во КФМ што очигледно предизвика револт кај челниците на Федерацијата кои оттогаш почнаа војна со сите кои се против нив.
На 29 март истече периодот на недопирливост на претседателот, па три дена подоцна, иницијативниот одбор поднесе барање за одржување Собрание на кое ќе се гласа за негова доверба.


