Најтрофејниот македонски колектив Работнички во најдобра форма го дочекува разигрувањето за титулата во домашното првенство.
По дебаклот во Купот, тимот од Градски парк врза пет победи по ред и тоа му го донесе третото место на табелата во основниот дел од сезоната. Во клучниот меч, Работнички го совлада Кожув со 80-70, па во четвртфиналето ќе се сретне со актуелниот вицешампион Пелистер кој ја освои шестата позиција.
Домаќините на овој натпревар го диктираа темпото речиси во текот на сите 40 минути, со исклучок на воведниот дел кога Кожув ја имаше највисоката предност од 6-3. Работнички брзо ја анулира таа негатива и го презеде водството кое пред полувремето изнесуваше и девет поени разлика (44-35).
На стартот од третиот период првпат предноста беше двоцифрена (48-37), но отпорот на Кожув беше скршен во првата минута од последниот квартал кога Работнички поведе со 75-56. Во финишот Кожув успеа да се спушти на -9, но немаше време за пресврт.
Капитенот Виктор Ефремовски одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава, постигна 19 поени, Дубински додаде 17, а Рош заврши со дабл дабл од 13 поени и 11 скока. Илија Колев со 22 поена го предводеше Кожув кој во четвртфиналето ќе се сретне со МКК Куманово.


