Кошаркарската федерација на Македонија денеска со писмо ги известила сите клубови дека е потребно во рок од една недела да ги подмират сите свои финансиски долгови кон неа.
Ова се однесува на сите клубови во сите категории и степени на натпреварување, а такво нешто било договорено на вчерашниот состанок на кој присуствуваа претставници на КФМ, на судиската организација, здруженијата на лигите и Комесарот за натпреварување.
„Согласно договореното на состанокот на претставниците, претседателите на здруженијата на клубовите од сите лиги и раководството на КФМ, одржан на 14 април 2025 година, ве известуваме:
Сите долгови по било кој основ и во која било лига (котизација, казни, лиценци за странски играчи и друго) да се подмират најдоцна до 23 април 2025 година. Во спротивно ќе се постапи согласно Пропозициите за натпреварување во сениорските и младинските лиги, односно членот 52.4 и ќе биде изречена суспензија. За време на суспензијата, клубот ќе нема право на настап“, пишува во дописот испратен до клубовите.
Во членот 52.4 од Пропозициите за натпреварување пишува:
„Доколку финансиското долгување по било која основа не се подмири во пропишаниот рок, Комесарот за натпреварување ќе изрече суспензија. За време на суспензијата, играчот, односно клубот нема право на настап.
Клубот ги губи натпреварите со службен резултат 20-0 во корист на противникот и не добива бод предвиден со правилата во случај на пораз. Суспензијата важи до подмирување на финансиската обврска на играчот или клубот. Со подмирување на финансиската обврска, суспензијата автоматски престанува да важи.“
Пред почетокот на оваа сезона, на прес-конференција, раководството на Кошаркарската федерација објави дека вкупните долгови на клубовите изнесуваат околу 200 илјади евра. Оттогаш нема информација дали оваа сума е зголемена или намалена, со оглед на тоа што во меѓувреме клубовите добија субвенции од државата.


