Денеска измина рокот од 15 дена во кој актуелното раководство на Кошаркарската федерација на Македонија требаше да закаже Изборно собрание, на иницијатива на 36 клуба во земјава.
Поради тоа, единствениот (засега) кандидат за нов претседател Младен Ѓуроски поднесе официјална кандидатура, а иницијативниот одбор за промени го го закажа Собранието за 30 април од 16 часот, во СЦ „Борис Трајковски“. Во својата апликација, Ѓуроски објави и кои ќе бидат неговите најтесни соработници, односно со кого ќе се обиде да ја врати кошарката на старите патеки.

Во неговиот „дрим-тим“ се поранешниот претседател Петар Наумоски, потоа гевгелискиот бизнисмен Томица Главчев и легендите на македонската кошарка Врбица Стефанов и Владо Илиевски. Дополнително ќе биде познато кој од нив на која функција ќе биде во иднина.

Ова значи дека пред крајот на сезоната, македонската кошарка ќе добие ново раководство, а луѓето кои ќе го водат имаат големо искуство во неа. Ѓуроски е поранешен младински и сениорски репрезентативец на Македонија, Главчев долго време е мецена во домашната кошарка, како спонзор на Кожув и Блокотехна, а Наумоски, Стефанов и Илиевски се меѓу најголемите македонски спортски легенди.


